Преносна кусобранова радиостаница
- Детали
- Создадено: 09 Јуни 2010
- Објавено: 09 Јуни 2010
Одржувањето радиоврски на одалеченост од неколку илјади километри е возможно и со опрема која тежи помалку од два килограми и којa што зафаќа само дел од просторот во еден ранец. Природните закони овозможуваат радио комуникација на кусобрановото фреквентно подрачје на големи дистанци со употреба на мала излезна моќност и едноставни антени. Преносот на телеграфски морзеови сигнали е еден од поефикасните видови на емисија. За само половина час од речиси било која локација во природа може да се монтира ефективна кусобранова радио станица со голем домет.
Вовед
Одржувањето радиоаматерски врски од невообичаени локации со употреба на мала излезна моќност и едноставни антени секогаш преставува предизвик за радиоаматерските оператори.
Радиоаматеризмот е хоби кое што може да се комбинира со други хобија вклучително и со планинарењето. Минатата година Македонија се вклучи во меѓународната радиоаматерска програма на активности “Summits on the air” (Планински врвови во етерот). Во продолжение ќе биде изнесено досегашното искуство за работа од планински врвови со преносна кусобранова (КБ) радио станица со мала моќност (меѓу радиоаматерите попознати како „QRP-станици“).
Активирањето од издвоена локација во природа бара претходни подготовки, а тоа станува уште покомплексно кога е во прашање поставување и употреба на преносна кусобранова радиостаница од планински врв.
При изборот на радиоуредот, антената, напојувањето и останатата опрема во предвид се земени неколку критериуми: ефективност, помали димензии и тежина кои овозможуваат до планинскиот врв самостојно да ги носи едно лице, едноставно и брзо монтирање и демонтирање во теренски услови независно од условите и конфигурацијата на теренот, како и достапност до опремата и употребените материјали.
Радиоуред
Со оглед на тоа што преносливоста на целокупната радио опрема од страна на самиот радиоаматер-оператор е еден од клучните фактори, разбирливо е дека уредот покрај тоа што мора да биде мал и лесен, треба да се карактеризира со мала потрошувачка со што ќе се овозможи подолготрајно напојување со помала и полесна батерија. Познато е дека телеграфскиот сигнал со употреба на Морзеови знаци благодарение на потесниот опсег се пренесува многу поефективно во споредба со пренос на говор. Телеграфскиот сигнал ја има истата ефикасност споредено со десеттина пати поголема моќност при пренос на говор. Затоа, се препорачува избор на КБ радиоуред за пренос на телеграфски сигнали со мала моќност најчесто од околу 5 W. Со оваа моќност и ефективна антена при нормални пропагациски услови можно е остварување на радиоврски со станици на одалеченост од неколку илјади километри, па дури и со прекуокеански земји. Покрај тоа, одржувањето на радиоврски со употреба на телеграфијата кога се користат слушалки е целосно нечујно за околината, што не е случај при пренос на говор. Ова е важно кога активирањето се врши од планински врвови на кои во истиот момент се присутни и други посетители (каков што е чест случај со врвот на Водно) на кои треба да им се овозможи непречено да уживаат во природата. Радио уредите специјализирани само за телеграфија се поедноставни и поефтини во споредба со оние кои се наменети за пренос на говор и други видови емисии, а воедно истите можат полесно да бидат конструирани и изработени од страна на самиот радиооператор.
На странскиот пазар има понуда на радиоуреди во кит или во финална индустриска изработка. Од готовите радио уреди со мала излезна моќност најчесто употребувани се YAESU FT-817(ND) и ICOM IC-703 кои се за сите видови емисии. Во кит форма можат да се набават K1 и KX-1 од ELECRAFT, PFR-3 од HENDRICS QRP KITS, ултра минијатурниот модел ATS-3B на KD1JV, MFJ нуди повеќе монобанд кит или финално изработени радиоуреди, и др.
За истата намена можат да се користат и други малку поголеми и нешто потешки преносни радиоуреди од типот на YAESU FT-857D, ICOM IC-706 (MK2G), KENWOOD TS-50S, ALINCO DX-70T(H), и други 100 W уреди кои можат да се употребуваат со намалена излезна моќност заради овозможување подолговрмено напојување од батерија.
За употреба од локации во природа попогодни за користење се оние уреди чии што контролни копчиња наместо на предната плоча се монтирани на горниот дел (на пр. KX-1, PFR-3, ATS-3B и др.).
Напојување
За напојување најчесто се користат 12 V батерии (SLAB: Sealed Lead Acid Battery) со капацитет 2 – 7 Ah кој што треба да овозможи работа во теренски услови од еден до неколку часа при сооднос 25% - прием и 75% - емитување. Во ситуации кога претходно се знае дека времето на активирање ќе биде покусо од еден час, или дека поголем дел од времето уредот ќе се користи на прием, може да се употреби батерија и со помал капацитет, на пр. 0,8 – 1,3 Ah, но, притоа се советува да се намали излезната моќност на предавателот, на пример од 5 W на 3 W со што јачината на сигналот ќе се намали за помалку од 3 Db, што е прифатлив компромис за да се добие подолготрајно напојување од батеријата.
Антена
Антената мора да биде ефикасна, лесна, да не зафаќа голем простор во ранецот, едноставно и брзо да се монтира и демонтира, по можност да работи на повеќе фреквентни опсези со брзи и едноставни подесувања на самото место.
Планинските врвови не се гостољубиви места и на нив не се престојува подолго време. Воедно, планинската клима е непредвидлива и брзо променлива. Затоа, антената треба да биде едноставна за брзо поставување и демонтирање и веднаш да го даде очекуваниот резултат без многу нагодувања. Треба да се избегнуваат антени кои што се составени од повеќе ситни делови, особено такви кои се составуваат со навртки и консултирање на посебни упатства. Истотака, треба да се избегнуваат антени со трапови кои покрај тоа што ја зголемуваат тежината и зафаќаат поголем простор во ранецот, воедно ги зголемуваат и загубите на сигналот, што е особено критично кога се користи радиоуред со мала излезна моќност.
Најчест избор за антена е полубранов жичен дипол со линкови за продолжување или скусување на зрачечекиот дел на два, три или повеќе претходно одбрани фрекфенти подрачја (пр. 40/30/20 м). Диполот е едноставна и ефективна антена која доколку е направена со соодветна резонантна должина и правилно поставена најчесто веднаш го дава очекуваниот резултат. За разлика од него, на пример вертикалните антени бараат добро заземјување или поставување неколку радијали што ја зголемува комплексноста на поставувањето и подесувањето, или пак т.н. „End Feed“ жичени антени за кои истотака треба добро заземјување или поставување еден или повеќе радијали, како и да се подесат со антенски прилагодувач кој го зголемува физичкиот волумен и вкупната тежина на опремата која што треба да се понесе на планинскиот врв.
Полубрановиот дипол на терен најчесто се поставува во т.н. „Inverted Vee“ („превртено V“) конфигурација, така што центарот на антената е подигнат на една точка, додека краците се спуштаат оптегнати према земја под агол од околу 45 степени. Како носечка структура на центарот на антената најчесто се користи телескопски стап со должина од 5 -10 м најчесто изработен од фибер (може да се употреби и рибарски стап), или со помош на тенко пластично јаже централниот изолатор на антената се обесува на надвисната гранка од дрво. Долните краеви на антената се изолирани од земјата и се врзуваат со помош на тенки пластични јажиња на други гранки, грмушки, или на планинарски стапови. Подобро е кога краевите на антената се повисоко подигнати од земјата, но, и висина од околу еден метар дава задоволителни резултати.
Антената, каблите и останата радио опрема нетреба да се поставува на места каде што би го попречувала несметаното движење на другите луѓе посетители на планинскиот врв. Доколку има услови за тоа, радиооператорот треба да одбере некое помирно место подалеку од погледите на останатите присутни. Времето потрошено за објаснување на својата активност е добро потрошено за популаризација на радиоаматерското хоби, но, сепак подобро е да биде малку понастрана од погледот на останатите.
За изработка на антената се употребува лицнаста жица со помал пречник, со рачно или индустриски изработени централен и крајни изолатори, исто како и изолаторите кои се поставуваат на точно определени должини на двата краци од жицата заради поставување линкови за поврзување или одврзување на делови од антената како би можела истата на самото место да се направи резонантна на саканиот фреквентен опсег.
За напојување се користи 50 Ω коаксијален кабел со помал пречник, пр. RG-174 кој е тенок и лесен, и чии што загуби на сигналот се прифатливи за употреба на куси бранови во услови кога употребената должина изнесува не повеќе од 10 метри.
За врзување на краевите на антената или за подигање на централниот дел на антената најчесто се користи тенко пластично јаже за сушење алишта, тенки пластични земјоделски врзива, и сл.
Употребата на телескопски стап најчесто изработен од електро неспроводлив материјал овозможува поставување на антената на било кое место на планинскиот врв, без притоа да се биде зависен од наоѓање соодветни објекти на самото место (дрвја, јарболи, крстови, телекомуникациски столбови, камени огради и кули, и сл.). Повисоките врвови во нашата земја се без висока вегетација, така што носењето телескопски стап за подигање на антената е неопходно. Има случаеви кога антената се подигнува само со планинарските стапови, но, таа висина е мала и значително го ослабува сигналот (повисоко секогаш е подобро). Телескопскиот стап на долниот дел може да се потпре на камења, стебла, грмушки, делови од ограда или камени столбчиња кои се наоѓаат на самиот планински врв, а ако тоа не е доволно за стабилно да стои во вертикална положба, тогаш дополнително се анкерисува на неколку страни. Оптегнатите краци на антената истотака го анкерисуваат телескопскиот стап. За да се намали ризикот од прекршување на горните секции на телескопскиот стап, антенската жица и коаксијалниот кабел треба да не се многу тешки (оптоварување од 300 до 600 грама е прифатливо доколку како носач се користи рибраски стап).
Времето потребно за подигање на антената зависи од условите на планинскиот врв и претходното искуство на радиооператорот. Кога на врвот има структури на кои може да се прицврсти телескопскиот стап и каревите на антената, тогаш сета постапка се завршува за покусо време. Од особено влијание се и временските услови (ветер, дожд, снег, голема жештина, и сл.), но, и тоа како сме ги спакувале жиците, коаксијалниот кабел и пластичните јажиња (одмотување на заплеткани жици, кабли и јажиња може да одземе многу време). Во просек се потребни од 15 до 30 минути за поставување на антената и радиоуредот.
Останата опрема
За тастување на радиоуредот за емитување морзеови знаци можат да се користат механички или електронски тастери. При активирањето од планински врвови ретки се случаевите кога за тастување и едновремено водење дневник за одржаните радиоврски се користи лаптоп компјутер.
Во делот на опремата која директно не придонесува за јачината на сигналот, но, сепак, е неопходна во теренски услови е дневникот на одржаните радиоврски кој се води на хартија прицврстена за обична канцелариска пластична плоча со помали димензии, како и обичен молив наострен од двете страни (при ненадејно кршење на црнката само се свртува другата наострена страна).
За поудобно седнување во природа може да се користи подметка каква што користат градинарите за потпирање на колената. За поставување на радиоопремата на суво се користи постилка која не пропушта влага.
Ранецот треба да биде со доволна големина за во него покрај радиоопремата да може да се понесе доволно храна и пијалоци, резервни алишта, кабаница, поситен алат, мини-прибор за прва помош, и др. Телескопскиот стап се прицврстува од надворешната страна на ранецот на начин што нема да пречи при пешачењето и да не зафаќа гранки.
Поставување и демонтирање на радиоуредот и опремата
Радиоуредот и останата потребна опрема за одржување радиоврски се поставува на суво место во непосредна близина на антената, на одалеченост која овозможува да биде приклучена на коаксијалниот кабел. Радиооператорот се сместува на погодна седечка позиција свртен кон радиоуредот, на одалеченост која што му овозможува да ги достигнува командните копчиња. Антената треба да биде во видно поле на радиооператорот како би можел благовремено да забележи одредени проемени во позицијата предизвикани од ветер и сл. Во топлите сончеви денови се препорачува да се побара место во завет и под сенка, додека во зимно време на место кое што истотака е во завет, но, по можност изложено на сончевите зраци.
При наближување на невреме треба веднаш да се пристапи кон демонтирање на поставената станица и антенскиот систем и радиооператорот по можност да се засолни на некое позаштитено место. Ако започнат врнежи веднаш се демонтира и се заштитува радиоуредот и опремата која што несмее да биде изложена на влага, а дури потоа се демонтира антената и телескопскиот стап. Особено треба да се внимава на наближување на невреме со атмосферски електрични празнења. Доколку ваквата ситуација дојде ненадејно, тогаш без допирање метални површини со голи раце радиоуредот веднаш се исклучува од антената и напојувањето, а телескопскиот стап на кој е прикачена антената се спушта и се остава на земја до завршувањето на невремето. Како безбеден период од последниот слушнат грмеж се сметаат изминати најмалку половина час. Личната безбедност треба секогаш да биде на прво место.
При поставување и демонтирање на радиостаницата треба да се внимава да не се оштетуваат околните природни и вештачки објекти. На заминување со себе треба да се понесат сите отпадоци кои што сме ги направиле.
До каде може да се одржат радиоврски?
Какви резултати можат да се очекуваат од ваква преносна радиостаница поставена на планински врв? Основната цел не е да се одржат многу далечни радиоврски, туку сосема доволно е доколку се одржат контакти со радиоаматерски станици од европските земји. Во зависност од фреквентиот опсег обично без поголеми потешкотии се одржуваат контакти со станици од Балканскиот регион, Западна Европа, Средна Европа, Скандинавија, Украина, Русија, и др. Кога пропагациските услови се подобри можно е одржување радиоврски и со станици од други континенти.
Освен фактот што планинските врвови се добри радио локации (како и со помало ниво на шум), сите останати параметри (малата излезна моќност и релативно ниско поставената антена) се полоши во споредба со постојана фиксна локација во градски домашни услови. Тоа значи дека во оваа радиоаматерска активност на прво место е авантурата, додека бројот и одалеченоста на контактираните станици е во втор план. За едно активирање од планински врв кое што обично трае 1 – 2 часа, можат да се воспостават 30 -70 куси радиоврски (благодарејќи на популарноста на програмата „Summits on the air“), што е добар просек дури и за радиоаматерски станици од постојани локации.
Опис на преносната кусобранова радио станица на авторот:
1. ELECRAFT - K1 телеграфски примопредавател за фреквентните опсези 40, 30, 20 и 15m, со максимална излезна моќност од 7 W – тежина: 620 гр.;
2. K9LU Bull Dog Mini Paddle (минијатурен педал за електронски морзеов тастер) – тежина: 40 гр.;
3. SLAB батерии од 12V / 0,8Ah со 70 cm кабел за напојување - тежина: 365 гр.;
4. Жичен дипол со линкови за фреквентните опсези 40, 30 и 20 м, со 7 м коаксијален кабел RG-174 – тежина: 350 гр.;
5. Минијатурни слушалки – тежина: 11 гр.
6. Мала пластична плоча држач на хартија – тежина 70 гр.
7. Рибарски стап од 5 м – тежина 510 гр.
8. Пластични јажиња за затегнување на антената – тежина 30 гр.
Севкупната тежина на сите делови на преносната КБ радио станица изнесува 1986 гр.
Има примери кога и оваа прифатлива тежина може да се намали дури за повеќе од половина, но со тоа обично се намалуваат самите комуникациски можности на преносната радио станица (на пр. минијатурниот радиоуред од самоградба ATS-3B тежи неверојатни 83 гр., а може да даде излезна моќност нешто повеќе од 4 W).
Само за споредба, радиоаматерските 100 W КБ уреди за фиксна употреба тежат околу 8 kg, додека преносните 100 W КБ радиоуреди за работа од автомобил или од издвоени локации (na пр. IC-706 MK2G, и сл.) тежат околу 2,3 до 2,9 kg и тоа без останатата опрема (антени, кабли, слушалки, тастери, телескопски стап, напојување, и др.).