Миле Секуловски, Z31JY најстар радиоаматер во Македонија
- Детали
- Создадено: 25 Јануари 2011
- Објавено: 25 Јануари 2011
- Напишано од Super User
Роден 1926 год. во с. Лисолај, битолско, сега жител на Скопје, Миле Секуловски, Z31JY е најстар радиоаматер во Македонија кој што непрекинато е активен на радиоаматерските опсези скоро шест децении.
Учесник во НОБ од 1944 година кога после ослободувањето на Скопје посетува воен радиотелеграфски курс. По завршувањето на воениот рок во 1947 година, се вработува како телеграфист и телепринтерист во поштата во Битола каде што службува 12 години.
Во 1958 година преминува со работа како редиотелеграфист во цивилното воздухопловство, а од средината на 60-тите години специјализира контрола на летање. Две години бил раководител на контролата за летање на Приштинскиот цивилен аеродром, од каде што во Скопје се враќа во 1968 година.
Миле Секуловски со радиоаматеризам започнал да се занимава уште додека живеел и работел во Битола. Бил член на битолскиот радио клуб од каде во средината на 50-тите години ја одржал првата радиоврска со клубскиот повикувачки знак YU5CEF. Во 1958 година добива личен повикувачки знак YU5JY, кој е прв личен знак во Македонија.
Во почетокот на 60-тите години поставува радиоматерска станица во својот дом во Скопје и од тогаш во континуитет е активен до денешен ден. Освен со радиооператорство Миле Секуловски се занимава и со конструирање радиоаматерски предаватели, приемници, линеарни засилувачи, електронски тастери, антени, и др.
Во јануари 2011 год. неговиот домашен ППС во скопската населбата Козле се состои од FT-101 B и две самоизградени вертикални антени за кусобрановите опсези. До пред скоро време користел и мултибанд Inv- Vee антена која што исто така самиот ја изработил, но, истата се срушила од невреме. Претходно, долги години работел со предавател FL-50 B и самоизграден приемник.
Во неговата семејна гаража сеуште чува неколку стари линеарни засилувачи, кусобранови приемници, електронски тастер од 1968 година и други негови самоградби. На празните позадини од неговите QSL – картички има рачно исцртано повеќе електронски шеми за неговите самоградби.
И на возраст од 85 години Миле Секуловски и натаму има планови за идни самоградби и унапредување на неговиот ППС. Тој и натаму е активен на 80м и 40 м радиоаматерски опсези со неговиот омилен тип на работа телеграфија. За тастување користи самоизградена комбинирана верзија на механички пешак и полуавтоматски тастер.
Миле Секуловски шест децении е во брак со Даница Секуловска (78) од Битола со која што имаат син авиопилот и две ќерки од кои едната по стапките на својот татко е контролор на летање.