ARI 2004 - Z39Z
- Детали
- Објавено: 22 Септември 2010
Како по обичај работите кај гевгелиските радиоаматери се случуваат во 5 до 12. По иницијатив а на Златко се најдовме во ресторантот кај што работи во четвртокот навечер и веднаш падна договор во саботата да одиме на нашата натпреварувачка локација во близина на селото Селемли и таму да го прославиме 1-ви мај.
Меѓународниот празник 2004 година се совпадна точно со ARI натпреварот кој што традиционално го организира Италијанската асоцијација на радиоаматери.
Во овој натпревар неколку години имавме добри резултати но овој пат решивме да работиме рекреативно без никакви претензии за добар пласман. Целта е дружење и подготвување на локацијата за последниот викенд на мај за натпреварот кој што не смееме да го пропуштиме – CQ WW WPX CW.
Сабота сабајле стандардна шема, како прво главните актери тешко им се станува на сабајле па следи прилично каснење но овој пат тоа не е проблем. Бидејки на куќарката немаме струја следи влечење на напојувачки кабел во должина од 170 метри. Веднаш потоа ги поставивме и антените (диполи за 3.5 и 7 МХз) а одличната вест е дека 3 ел. квад антената за 14, 21 и 28 МХз е сеуште на своето место, супер се спасивме од огромна работа. Штом се стемни Z33AA (сега Z30A) замина на работа а Z33A и Z32AF (сега Z39Z) го започнаа празнувањето зачинето со добра салата и повеќегодишна домашна – маде ин Z32AF.
Натпреварот го започнавме на клубскиот специјален повикувачки знак Z39Z на 14 МХз фонија и за првите 60 минути одработивме 81 врска па отидовме на телеграфија на истиот фреквенциски опсег. Пропагациите одлични, од северна Америка слушаме многу јаки сигнали и без никаков проблем ги работиме. Сабајлето околу 3 часот пристигна и Златко кој дојде од работа и веднаш седна на станица, први одработени врски, задоволна фаца и првиот негов коментар – луѓе антената растура.
До изгреј сонце не даде никој да се приближи на станица а по првите зраци местото му го препушти на Z33A. И во текот на денот најмногу време потрошивме на 14 МХз но квалитетот на врските не беше на нивото од ноќната активност што е и нормално. Последната врска под реден број 773 со IO3C ја запишуваме во 12:50 минути, осум часа пред крајот на натпреварот бидејки решивме да се вратиме во градот пред да падне мрак.
По објавените званични резултати бевме пријатно изненадени бидејки во категоријата повеќе оператори го освоивме 9-то место во светот.
Од примопредавателна опрема користевме: FT-77 и засилувач 600 W сопствена изработка. Во текот на натпреварот најмногу работеше Z33A, најмногу спиеше Z32AF а најмногу патуваше Z33AA.