Историја на РСМ

РСМ е основан во 1946 година.

Во шест и пол децениското постоење РСМ одиграл многу значајна улога во развојот на техничката култура од областа на електрониката и радиокомуникациите во Република Македонија.

Во првиот повоен период членовите на РСМ самите ја конструирале и составувале радиоаматерската опрема со која што започнале да одржуваат радиоврски со радиоаматери од целиот свет.

Со развојот на електронската индустрија се поголем дел од самоградбите се заменуваат со готови радиоаматерски уреди, но, иновативноста како главна одлика на радиоаматерите сега се применува во изработување на дополнителната опрема и антенските системи.

Членовите на РСМ биле првите кои што во светот ја пренеле веста за катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, со што овозможиле што поскоро да пристигне неопходната помош.

Во периодот на воени конфликти во соседството, членовите на РСМ преку одржување радиоврски помогнаа многу раселени семејства да се информираат за своите најблиски.

Во ерата на интернетот и мобилната телефонија, РСМ и натаму има важна улога во промовирањето на радиоаматерските комуникации како интересно хоби, но, и како најсигурен начин на комуникација во вонредни услови.

1955 година во Македонија имаше лиценцирани 9 радио клубови и 3 лични повикувачки знаци.

Лиценцирани клубови:

YU5APQ  Р.К. Вардар, Скопје
YU5CEF   Р.К. Битола, Битола
YU5COP  Р.К. ПТТ, Скопје
YU5CPR  Р.К. Струмица, Струмица
YU5CXY  Р.К. Куманово, Куманово
YU5CYZ  Р.К. Скопје, Скопје
YU5DRS Р.К. Кочани, Кочани
YU5DST  Р.К.  Југ, Охрид
YU5FEF  Р.К. Прилеп, Прилеп

Лиценцирани оператори:

YU5JY    Миле Секуловски, Битола
YU5KR   Александар Педевски, Скопје
YU5LD   Aлександар Силјановски, Битола

Првата примо-предавателна секција во Македонија е формирана во 1951 година во Радио Клубот “Вардар“ од Скопје – YU5APQ.
Основачи се група ентузијасти: Стево Спировски, Божидар Станковиќ, Тихомир Ѓурчевски, Димче Цвтековски, Стојмир Павловски, Александар Стефановски,  Перо Ивановски, и др.
Со помош на членовите на овој радио клуб се формираат радио клубови во други градови во Македонија, и тоа во Струмица, Велес, Куманово, Битола, Прилеп и др. 

 

Во 1991 година Радио Клубот „Млад Техничар“ – Z37CYZ од Скопје издава „Прирачник за аматерска радиогониометрија“ од авторот Јоле Јолески – Z31JJ.
Во прирачникот авторот ги обработува сите елементи на оваа радиоаматерска дисциплина од основните поими и дефиниции, потребната опрема, топографијата, орентација на терен, организација на натпревари, правилата и тактиката на натреварување, физички подготовки, и др. Текстовите се збогатени со прилози, цртежи, скици и табели.

Првиот Билтен на РСМ е издаден во октомври 1957 година. Во него е објавено обраќање до членството на претседателот на РСМ Богољуб Теофиловски, како и содржини од активноста на радио клубовите. Во редакцискиот одбор се Перо Ивановски - Z31DA, Никола Сотировски и Иван Катиќ. Уредник е Ристо Марковски.

 

Во вториот Билтен издаден во март 1958 година даден е преглед на активностите на клубските примопредавателни секции и на радиоаматерите кои работат од свои лични радиостаници.

 

Во август 1996 година почна да излегува месечен билтен „АРО" кој главно е наменет за КБ и УКБ радиооператорите. Во него се опфатени теми за радиооператорите од сите класи, вклучително и за најмладите. Во првиот уредувачки состав се Владимир Ковачески -  Z35M и Добрица Петковиќ - Z31B, а потоа уредувањето го превзема Звонко Стаменков - Z35W.

 

Членови на РСМ даваат свој придонес со соработка и објавување прилози во списанијата: „Радиоаматер" од Белград, „Емитер" од Скопје, "CQ Amateur Radio" и "The DX Magazine" од САД, "The DX Magazine - 59" од Јапонија,  и др.