Оваа година по првпат за време на Вевчанскиот карневал како промотори во светот се вклучија и македонските радио аматери. Благодарение на агенцијата за електронски комуникации која експресно издаде специјален повикувачки знак, десетици илјади радио аматери во светот слушнаа и преку радио аматерска телевизија видоа што се случува на улиците во Вевчани. Радио аматерите од Македонија изработија мини веб страница која за овој краток период беше посетена 11.000 пати. Најактивни меѓу нив беа гевгеличаните Благој Љатев и Ѓорѓе Андонов кои одржаа 7000 врски за 15 дена.

Во договор со организаторите на карневалот за секоја одржана врска со радио аматери од земјата и од светот ќе се отпечатат специјални картички кои ќе бидат испратени по специјална пошта до сите земји во светот. Ова е одличен начин за промоција на нашата земја во светот и сигурно најевтин бидејќи комплетните трошкови не се поголеми од 20.000 денари. Активноста што ја изведоа македонските радио аматери е добар пример дека десетици и стотици илјади луѓе во светот можат да добијат ефективна порака за многу кратко време и за многу малку пари. За илустрација меѓу радио аматерите во светот има претседатели на држави, премиери, кралеви, познати спортисти, музичари, бизнисмени итн.