lwLong Wire одн. долга жица e наједноставната за конструирање и поставување антена која што се употребува од радиоаматерите. Под долга жица обично се подразбираат должини на антената кои што изнесуваат најмалку една или повеќе бранови должни од работната фреквенција на која што се употребува. Сепак, радиоаматерите како Long Wire антени (скаретно LW) ги нарекуваат ваквиот тип антени направени од било која произволна должина на жицата (random wire).

Употребената жица може да биде со било кој дијаметар кој што е практичен за поставување. Жицата може да биде „гола“ или обвиена со заштитна изолациска обвивка, така што последните се покажале како попрактични за употреба.
Висината на која што може да биде поставена антената може да биде различна во зависност од локациските услови и практичните можности за безбедно монтирање. Во принцип, повисоко секогаш е подобро. 

 Жицата не е неопходно да се протега само во еден правец, ниту пак во текот на целата должина да биде на иста висина од земја или од други објекти. Анетана несмее да допира проводливи површини, ниту пак да поминува под или над електрични водови. Како и сите останати антени, и од оваа антена најдобри резултати се добиваат доколку антената е поставена повисоко во слободен простор што е можно подалеку од други објекти.

Антената се напојува на едниот крај (end feed), заради што не е потребен посебен вод за напојување, со што целокупната антенска инсталација е елегантна и помалку видлива за соседите. Негативна страна е тоа што антената зрачи и во непосредна близина на радиоуредот каде што се наоѓа операторот и поголеми се можностите да предизвикува пречки на телевизиски, радио, телефонски, и други електронски уреди во блиското соседство. 
Должината на антената не е критична, но, одредени димензии во практика се покажале како полесни за подесување на повеќето радиоаматерски опсези. Оваа антена е наједноставаната мултибанд антена, но, истата мора да се прилагодува со антенски прилагодувач (antenna tuner), кој се поврзува со кус коаксиален кабел на примопредавателот.

Антенски прилагодувач (antenna tuner) е напарава која што се поврзува помеѓу радиоуредот и антената, со цел да се прилагоди импендансата на радиоуредот, која што обично изнесува 50 Ω, со имендансата на антената. Антенскиот прилагодувач не ја менува резонантната фреквенција на антената, туку само овозможува повеќе излезна снага од предавателот да стигне до антената. Антенскиот прилагодувач едновремено го подобрува и примениот сигнал (Слика – 3).    
За да може антената полесно да се доведе во резонанција со помош на антенскиот прилагодувач, се препорачува да се избегнуваат должини кои што се една половина од брановата должина на работната фреквенција или мултиплицирани вредности од истите. Полубранова жица напојувана од едниот крај, т.н. End Feed Half Wave Antenna е друг тип антена која бара соодветено прилагодување, но, за разлика од LW ефективно работи и со поедноставно заземјување, па дури и со еден радијал.

За LW антената ефективно да зрачи во етер неопходно е да има добро заземјување (Слика – 1) или да се постават најмалку еден или уште подобро повеќе радијали со должина која зависи од работните фреквенции на кои се употребува, обично една четвртина од брановата должина (Слика – 2).
Препорачливи должини на LW антената за употреба на повеќе кусобранови радиоаматерски опсези (1,9; 3,8; 7,2; 10,1; 18,1; 21,3; 24,9; 28,5 MHz): 8,83 м; 10,7 м; 12,49м; 17,67м; 21,64м; 25,60м; 32,61м; 36,27м; 45,11м; 61,87м, 105,76м.lw1 Должини на LW антената кои треба да се избегнуваат доколку истата е наменета да се користи на повеќе кусобранови радиоаматерски опсези (1,9; 3,8; 7,2; 10,1; 18,1; 21,3; 24,9; 28,5 MHz): 4,87м; 5,79м; 6,70м; 7,92м; 9,75м; 10,05м; 11,58м; 13,41м; 14,02м; 19,81м; 37,49м; 39,62м.

При определувањето на должините треба да се земе во предвид и факторот на скратување (velocity factor) кој зависи од дијаметарот на употребената жица и обично изнесува неколку проценти (за подебела жица се пресметува поголем коефициент на скартување).Како и сите други антени, и LW антената мора да се испроба на самото место, па потоа да се прават неопходните измени доколку за тоа има потреба.